ОПШТОЈУГОСЛОВЕНСКИ СТУДЕНТСКИ ФЕСТИВАЛ НА АМАТЕРСКИОТ ФИЛМ

ОПШТО-СТУДЕНТСКИ ФЕСТИВАЛ НА АМАТЕРСКИОТ ФИЛМ

Фестивалот ОСФАФ е интернационален фестивал на непрофесионален филм кој се одржува во Скопје, Македонија.

Оригинално, ОСФАФ е кратенка за: Општо-југословенски Студентски Фестивал на Аматерски Филм, или Општо Студентски Фестивал на Аматерскиот Филм.

Фестивалот ОСФАФ има долга традиција. Главен организатор на овој фестивал е Академскиот кино клуб од Скопје. За жал, со распадот на поранешна Југославија прекинува да се одржува и ОСФАФ фестивалот.

Тој бил еден од позначајните филмски фестивали во Југославија.

Фестивалот бил член на Интернационалната асоцијација на филмски и видео фестивали - IAFVF. На фестивалот, најчесто, учествувале филмови од повеќе земји од светот и поранешна Југославија (како илустрација може да послужи ОСФАФ 1988, кога учествувале 73 филмови од 19 земји).

На фестивалите учествувале автори од сите возрасти. Доминантниот дел од учесниците го сочинувале млади автори, најчесто студенти. Основната цел била едноставна: ширење на филмската култура меѓу студентите и луѓето.

За долгогодишната традиција на фестивалот зборува и фактот дека досега биле одржани 18 ОСФАФ фестивали. Првиот бил одржан во 1973 година, а последниот 18-ти бил одржан во 1990 година во Скопје.

Во периодот по осамостојувањето, поради немањето средства фестивалот не се одржувал.

Во 2006 г. , Академскиот кино клуб и неговите членови - филмски ентузијасти, направија чекор напред и го возобновија фестивалот.

На фестивалот учествуваа 79 филмови од автори од 13 земји од Европа, иако фестивалот се одржа за првпат, по стагнација од цели 16 години.

Името на фестивалот се модифицираше, при што се задржа кратенката “ОСФАФ“, како бренд, а се додаде “Интернационален филмски фестивал“ со цел фестивалот да добие современ карактер, со што се доби комплетното име на фестивалот: Интернационален филмски фестивал - ОСФАФ.

Иако традицијата е ОСФАФ да се одржува во мај, сепак поради неколку причини, организаторите одлучија ОСФАФ да се одржува на почетокот на Октомври.

Филмските ентузијасти, вљубениците во филмот, и филсмката публика воопшто, на ОСФАФ фестивалот може да гледаат филмови од поновата домашна, европска и светска филмска непрофесионална продукција, каде што на едно место се собираат и презентираат филмови кои се направени со минимални средства, а сепак се единствени, оригинални и ја покажуваат суштина на филмската уметност.